УБАВИ ВЕСТИ – Средства ќе им бидат префрлени на ОВИЕ македонските граѓани, повисок прилив во април
Претседателот на Владата на Република Македонија Димитар Ковачевски, денеска по одржувањето на Советот за социјална сигурност, информираше за усвоеното усогласување на мартовските пензии, односно покачување за 8,4%.
На прес конференцијата на која присуствуваа министерката за труд и социјална политика Јованка Тренческа и претседателката на Сојуз на здруженија на пензионери Станка Трајкова, претседателот на владата истакна дека од почетокот на мандатот на оваа Влада заклучно со септември 2023 година пензиите ќе бидат повисоки за 25% што е најголемо покачување досега во историјата на државата.
„Ако зборуваме во проценти зголемувањето на мартовската пензија согласно методологијата ќе биде зголемување од 8,4 % што е и повеќе од очекуваното.
Во оваа 2023 година освен оваа мартовско усогласување на пензиите, уште едно ќе следи во септември, усогласено според трошоците за живот и порастот на просечната плата.
Што значи за една календарска година, растот на пензиите ќе биде околу 16%. Или од првиот ден на оваа Влада, јануари минатата година со покачувањата на пензиите кои се случија во минатата година, во март и во септември, заедно со ова покачување и покачувањето кое следи во септември, пензиите ќе бидат поголеми за 25% што никогаш досега во историјата на државата се нема случено“, истакна премиерот Ковачевски.
Пензионерите ќе добијат повисоки пензии за 8,4%. Советот за социјална сигурност го усвои покачувањето според новата методологија за корекција на пензиите-50% од порастот на просечната плата и 50% од зголемените трошоци за живот.
Новото покачување на пензиите ќе им донесе 900 денари плус на корисниците на најниски пензии. Оние, пак, кои со највисоки пензии ќе добијат околу четири илјади денари плус.
Сојузот на пензионери ја поздрави одлуката, но укажа и на потребата од нов пакет финансиска помош за најранливите пензионери, доколку буџетот има таква кондиција.
„Бидејќи тие се краткорочни мерки, пензионерите бараат некои од тие права што им беа дадени, доколку има можност, да продолжат и понатаму. Ние како сојуз сме свесни дека сите предлози што се даваат треба да бидат и одржливи“, порача Станка Трајкова, претседателка на СЗПМ.
Министерката за труд, пак, најави дека наскоро ќе се утврди и минимална пензија. Кој ќе биде прагот ќе се дискутира во иднина.
Во земјава живеат околу 330 илјади пензионери. Од нив, најголем дел користат пензија до 20 илјади денари.