ВАЖНА ВЕСТ за сите кои имаат банкарски СМЕТКИ – Еве што ќе се случи со ПРОВИЗИИТЕ!
Со новиот Закон за платежни услуги и платни системи се предвидува банките и штедилниците да не наплаќаат надоместоци за користење на сметките со основни функции за потрошувачите од ранливите категории, вели во интервју за „Марили“, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.
Таа посочува дека новина во Законот е дефинирањето сметка со основни функции за граѓаните, преку која ќе може да вршат редовни платежни трансакции со готовина, со дебитни картички и кредитен трансфер, во рамките на средствата на таа сметка.
„За овие услуги надоместокот ќе биде ограничен на 0,1 % од просечно исплатената нето-плата, или околу 31 денар. Покрај ова ограничување на трошокот за одржување, Законот предвидува банките и штедилниците да не наплаќаат надоместоци за користење на сметката со основни функции за потрошувачите од ранливите категории“, вели Ангеловска-Бежоска.
Гувернерката најавува заштитата на корисниците на платежни услуги, со тоа што ќе се воведе задолжително информирање на потрошувачот за условите под кои ги користи платежните услуги.
Исто така ќе се воведе и информирање за надоместоците за најчесто користените услуги на платежната сметка.
Гувернерката истакнува дека со новиот Закон за платежни услуги и платни системи се отвора пазарот за нови даватели на платежни услуги и се прошируваат услугите што ќе се нудат, но исто така измените се проследени и со соодветни регулативни барања заради заштита на потрошувачите.
„Народната банка издаде листа од 11 најрепрезентативни услуги поврзани со платежната сметка за кои редовно ќе прибира податоци за надоместоците од секој давател на платежни услуги и ќе ги објавува на својата интернет-страница во компаративен контекст.
Првото објавување на надоместоците на интернет-страницата на Народната банка е предвидено за крајот на септември оваа година. На овој начин граѓаните ќе имаат брза и лесно достапна информација за надоместоците“, вели гувернерката.
Гувернерката истакнува и дека последните години Народната банка постојано работи на зајакнување на активностите во доменот на заштитата на корисниците на банкарски услуги, како и натамошно зајакнување на финансиската едукација на населението како важен предуслов за поголема финансиска инклузија.
Од минатата година во Народната банка започна да функционира посебна организациска единица ‒ Дирекцијата за заштита на потрошувачите и финансиска едукација, којашто во првата година работеше на разгледување и
дополнување на постојната регулатива од доменот на заштитата на потрошувачите, прибирањето податоци и анализата на поставеноста на банките во доменот на заштитата на потрошувачите, а во текот на годинава ќе започнат и редовни наменски контроли над банките во овој домен.