Тетовка обвинува: На Oнкологиja во Скопје добив лажна дијагноза за pak на дојка, па ми ги отсекоа градите

Тетовка обвинува: На Oнкологиja во Скопје добив лажна дијагноза за pak на дојка, па ми ги отсекоа градите

Пациентка од Тетово со двојна масектомија бара одговорност од лекарите од Клиниката за онкологија и радиотерапија кои сугерирале итна операција поради сомневање за канцер

„Имам една добра и една лоша вест за вас. Добрата вест е дека нема да мора да одите на хемотерапија. А лошата е, што не требаше да ви ги отстраниме градите. Воопшто не сте имале карцином”.

Овие реченици што ужаснуваат, 56 – годишната С.С. од Тетово ги слушнала од лекар во приватна болница во Скопје во 2018 година и оттогаш ќе ја прогонуваат ден и ноќ. Животната радост која дотогаш ја чувствувала оваа жена ќе биде поттисната под тешкиот камен на гневот, неодговорените прашања и посетите во ординациите на психијатрите.

Во нашата редакција таа дојде истоштена, растреперена и како штотуку разбудена од шок. Шокот за неа трае петта година, а измешан е со лутина и една внатрешна потреба:

-Некој мора да одговара за тоа што ми беа отстранети градите поради лажна дијагноза за канцер. Ми кажаа дека мора итно да се оперирам, а кога се вратија резултатите од хистопатологија после операцијата, во ткивавата од отстранетите гради, имаше мастит, а не канцер.

С.С. е мајка и сопруга. Пред да ја жегне наодот кој оди во прилог на канцер, излегувала, сакала да разговара, да комуницира, имала пријатели и сакала да се дружи. Се хранела здраво и со сопругот постојано оделе во природа. Но сега, од таа жена останати се само спомени, а ја заменува тажна и замислена, честопати нерасположена „двојничка”. Освен дел од нејзиниот физички интегритет, вели дека ѝ е украден и дел од душата кој никогаш нема да може да го придобие назад. Во текот на еден час колку што разговаравме, можеби десет пати спомена дека откако ѝ ги отстраниле двете дојки поради канцер што го немала, таа е психички руинирана.

Од нејзиниот сопруг кој срдечно се жртвувал изминатите пет години, сега таа чека и да ѝ помогне да се искапе. Не може да учествува во работите од домаќинството како што тоа го правела порано. На местото на нејзините гради сега има протези, што ѝ паѓа многу тешко. Не толку поради естетиката, колку поради украдената женскост и телесниот интегритет.

-Кога се капам, многу боли. И ќе се погледнам и тешко ми е. Рацете ми се тресат. Понекогаш кога ќе земам чаша вода во рака таа ми паѓа. Раката ми се олабавува и губам контрола и осет во неа. Често затреперувам. Пет години од нашата куќа не излезе ниту збор за тоа што ми го направија. Само јас, маж ми адвокатките и децата знаеја. На пријателите не им кажувавме. Поминавме пекол и шок, наизменично. Не знаев дали да бидам благодарна што немам канцер, или да тагувам што ме осакатија. И тие чувства постојано се заменуваа едно со друго.

На крајот сите нив ги надвладеа гневот и лутината. Верував во системот и верував дека Обвинителството ќе си ја заврши работата. Но пет години нема никакво поместување. Предметот се чува во фиока и не сакам да застари. Сакам некој да одговара за тоа што ми го направија, затоа решив да се обратам во медиум, вели С.С. за „Слободен печат”.

Кривична пријава против Клиниката за онкологија и против двајца лекари

С.С размислуваше дали да зборува за својата голгота пред камерата на „Слободен печат”. Но секојпат кога беше на работ на таа одлука, рацете почнуваа да ѝ затреперуваат, а гласот да ѝ се блокира од анксиозност.

„Чувствувам дека не можам да дишам и како да имам грутка во грлото”, вели таа.

Пред да стигне до оваа нејзина психолошка состојба, имало обиди и обиди по правен пат во Македонија да докаже дека ѝ се сторени тешки повреди на здравјето. Но, овој пат бил долг и поплочен со ургенции, а мноштво институции скромно ја доживувале итноста која на пациентката ѝ била потребна.

„Ние не сме стручни да одредиме кој е виновен. Ние ја поднесовме кривичната пријава онака како што се одвиваше лекувањето, од првата до последната болница, го опишавме патот кој требаше да го помине мојата сопруга. Но, има вештаци и не сме ние тие вештаци. Сакаме Обвинителството да открие кој е виновникот и тоа со стручно медицинско вештачење”, објаснува сопругот на жената.

„Слободен печат” располага со севкупната медицинска документација, кривичната пријава против двајца лекари од Клиниката за онкологија и против самата институција. Документацијата „раскажува” што се случило. Цитолошки наод број 2311215 од 25 јануари 2018 година. Во него пишува дека пациентката која е наша соговорничка има „наод кој оди во прилог на карцином на дојка”.

„Цитолошки наод. Класификациона група 5. Во размаските од пунктатот идентифицирани се поединечни и групирани клетки со изразити карактеристики на малигнитет. Наодот оди во прилог на карцином на дојка. Потпис – Патолог доктор Билјана Огненоска-Јанковска.”

„Слободен печат” се обрати официјално до Клиниката за радиотерапија и онкологија со барање докторката да ни даде официјална изјава или писмено или лично. Прашањата ги испративме и на мејлот од болницата, а се однесуваа на тоа дека сакаме да ѝ покажеме на докторката наод на кој што стои нејзиното име и печат, а каде пишува дека пациентката имала наод кој оди во прилог на карцином, што после операцијата се покажало дека не е така.

Сакавме да ја прашаме докторката за коментар околу оваа ситуација односно – медицински да ни каже зошто би било можно да се случи таков резултат. Сакавме да знаеме дали е возможно да се заменети резултатите со некоја друга пациентка, или нешто друго е во прашање.

Во телефонска изјава доктор Билјана Огненоска Јанковска ни рече дека е запознаена со случајот на пациентката.

-Знам за случајот детално, затоа што пациентката има поведено постапка и во Јавното Обвинителство и пред Лекарската комора. Во методологијата fine needle aspiration biopsy на цитологија, наодите се поделени од прва до петта група. Тоа кажува дали е бенигно или малигно. Прва и втора група се бенигни, трета е суспектна, четврта и петта група веќе одат накај малигно. Пациентката има конечна дијагноза од дијагностичката лабораторија Биопсија како маститис хроника со абцес. Но, во тие ситуации, кога има абцесни состојби, кога има мастит, имаме атипични, односно реактивно променети клетки кои што наликуваат на малигни. Аспирационата биопсија во светот има специфичност и сензитивност од 33 до 94 проценти и таа е само едно од помагалата во дијагностичката постапка на пациентката. Пациентката исто така има рентген, односно има мамографија, која исто сугерира исклучително малигно. Во мојот наод е регистрирано дека имало атипички клетки кои што се јавуваат при воспалителни процеси. Хирургот е тој што решава што поматаму. Хирургот ги отстранил дојките, регистрирано е воспаление кое било присутно. Патологот од дијагностичката лабораторија има земено само четири пресеци и ја нема дисецирано целата дојка туку само четири пресеци и врз основа на тие четири пресеци има напишано. Другата дојка е прва класификациона група и пациентката си ја вади на свое барање, за кое јас навистина не можам да кажам зошто е извадена втората дојка. Ние веднаш кога ќе се направи пункционата биопсија, клетките се ставаат на стакло, едното се бои по Папа Николау, во алкохол се става, а другото во Giemsa. Бројките кои се пишуваат на упатот се пишуваат и на стаклата. Не може да има никаква замена, не се чуваат во фрижидер, тоа е материјал кој се нанесува директно на стакла. Стаклата остануваат во оваа лабораторија според законот на Европската агенција за лекови до 30 години, ни рече доктор Огненоска Јанковска.

Според неа, пункционата биопсија е помагало, и не е дефинитивна.

-Дефинитивна е кор биопсијата. Ова е цитологија, само гледате клетки и врз основа на тие клетки може но не мора да значи. Хирургот одлучува што понатаму. Зашто тој го собира и рентгенолошкиот наод кој во нејзиниот случај исто така е петка, а мојот наод поради атипијата која што се јавува во случаи при воспаление е петка и тој решава да ја оперира. За другата дојка не можам да кажам зашто за другата дојка немам пишано петта класификациона група, ни рече докторката.

На прашањето дали маститис грануломатоза плазмоцитарија наликува на канцер, докторката вели дека тоа може да се случи, но ретко.

Целата содржина можете да ја прочитате на Слободен печат(клик ТУКА)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *